This project is co-financed by the European Union through
Кожуф е планина која се наоѓа на границата помеѓу Македонија и Грција. Највисок врв на Кожуф е врвот Зеленбрег висок 2.171 метар. Планината Кожуф зафаќа површина од 893 км. Се протега на територијата на две држави: (Република Македонија и Република Грција), при што во границите на Република Македонија, Кожуф опфаќа територија од 80 проценти а останатите 20 проценти се во територијата на Република Грција. Кругот на територијата на планината Кожуф започнува од најсеверната точка-вливот на реката Бошавица во реката Вардар кај Демир Капија. Границата оди по течението на реката Вардар а од десната страна е најимпозантниот дел-кањонот на Демиркаписката клисура. Ја преминува државната граница на Република Македонија и во близина на селото Лумница (850 м.н.в) на територија на Република Грција продолжува на запад одвојувајки ја планината Пајак, северните страни на Мегленската долина и доаѓа до седлото Пуљевац (1165 м.н.в) продолжува кон Мрежичко. Тука е границата со Козјак планина. Од Мрежичко преку Мушов гроб (1019 м.н.в) ја зафаќа северната страна на висорамнината Витачево, доаѓа до реката Бошавица. Кожуф изобилува со огромен воден потенцијал од која извираат многубројни реки. За планинарите и љубители на планината реката Дошница е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Од изворот под Зеленбрег до вливот во Вардар нема никаков индустриски објект кој ја загадува. Таа е најчистата река во која опстојуваат пастрмката, кленот, ракот и други. На Кожуф сè уште опстојува рисот како редок и заштитен вид. За жал од страна на криволовците веќе 2-3 децении го нема еленот, а одвреме навреме се појавува мечката која во потрага по помирни места мигрира од планини во Грција и Македонија кон Кожуф.