Air Bansko
Interreg
EU This project is co-financed by the European Union through
Interreg - IPA Cross-Border Programme "Bulgaria – the former Yugoslav Republic of Macedonia"
Project “Affirmation of the natural and cultural values in the border region for better visibility and access” Ref. No CB006.1.21.183

Географска локација на Општина Гевгелиjа

Општина Гевгелија се наоѓа во најјужниот дел од Република Македонија, на самата граница со Република Грција, на надморска височина од 64 м и на простор од 485 км2. Низ територијата на општина Гевгелија минува примарната оска на развојот која се протега по Вардарската долина во правец север-југ и претставува дел од коридорот 10.

Мошне важна е и пограничната позиција на општина Гевгелија со Република Грција, како и можностите за лоцирање на стопанските капацитети, кои бараат голем транспорт на суровини и готови производи, при што близината на Солунското пристаниште претставува значајна компаративна предност.

Општината граничи со општините Богданци, Валандово, Демир Капија и Кавадарци.

Општина Гевгелија зафаќа територија од 485 km2, а во нејзиниот состав се населените места: Гевгелија, Богородица, Габрово, Давидово, Кованец, Конско, Милетково, Миравци, Моин, Мрзенци, Негорци, Ново Конско, Петрово, Прдејци, Смоквица, Серменин и Ума.

Многупати именувана како "рамана како тепсија", Гевгелија се гордее со својата место положба, на десното крајбрежје од реката Вардар, во предворјето на Кожув и Пајак планина. Со својата географска положба, Гевгелија отсекогаш претставувала крстосница на поважните патни правци на овој дел од Балканскиот полуостров, преку кој се остварувале сите економски и културни врски меѓу Јужна и Средна Европа.

Природната целина на Гевгелиската котлина се протега од север кон јужната страна на македонско – грчката граница. Релјефот е издробен на бројни ридови, чуки и тумби меѓу кои се широките и плитки долини кои гравитираат кон југ. Најниска кота на реката Вардар, кај државната граница е 45 м.н.в, a највисоката е 88 м.н.в. Релативната височина помеѓу овие точки изнесува 43 на исправена должина од 26 km.

Градот Гевгелија лежи во во рамниот дел на котлината чии природни граници се: од исток реката Вардар, од југ Сува Река, кон запад нема природна Граница, рамнината продолжува кон Моин, кон север Караорман и Мрзенски рид, меѓу кои, низ куса долина, поминува регионалниот пат за Негорци.

Има силно влијание на медитеранската клима во овој регион, изразено во котлинскиот дел до 300 m.н.в, а помалку изменето е во ридското подрачје до 600 m.н.в. Планинската клима преовладува само во највисоките делови на Кожув планина.

Вкупен број на сончеви часови во годината изнесува 2392 часа, што може да се спореди со неколку места крај Јадранското море и во Медитеранот воопшто. Просечната годишна температура во Гевгелија изнесува 14,30C.

Најстуден месец во годината е јануари со просечна температура од 3,20C, а најтопол е јули со просечнa температура од 25,70C.

Просечната годишна сума на врнежи изнесува 745,2 mm3. Распоредот на врнежите не е рамномерен, најмногу ги има во есен, а најмалку во лето.

Просечниот број на денови со снежни врнежи изнесува 8,3 денови.

Поголеми водотеци кои се вливаат во реката Вардар се Сува, Коњска, Мрзенска, Кованска, Зуица, Петрушка и Јаворица река. Притоките на Вардар се релативно маловодни поради што некои од нив преку летото пресушуваат.

Општината располага со богати извори на минерална и термоминерална вода, како Смрдлива вода, Смоквица и Негорските бањи.

Во општината живеат 22.988 жители, од кои околу 15.685 жители во општинскиот центар Гевгелија.